ЈАВЕН ПОВИК за учество во Проект за поттикнување и подготовка на македонски компании за пазарно финансирање
среда, 24 јуни 2026

                                                                                                                                                                                     

 

                                                                                                 ЈАВЕН ПОВИК

                                                                За учество во Проект за поттикнување и подготовка                                                                                                                                      на македонски компании за пазарно финансирање

Општи информации

Македонска берза АД Скопје (Берза), во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), објавува јавен повик за учество на домашни компании во проект за поттикнување и подготовка за пазарно финансирање (Проект). 

Под пазарно финансирање се подразбира прибирање на финансиски средства од инвестициската јавност за понатамошен развој на компанијата преку издавање на акции или обврзници. Овој процес може да подразбира и трансформација од друштво во ограничена одговорност во акционерско друштво со истовремено или последователно издавање на акции или обврзници.

Во рамки на Проектот ќе бидат избрани најмногу 10 домашни компании кои ќе искажат конкретна намера за користење на македонскиот пазар на капитал како извор на финансирање во наредниот период.

Проектот е наменет за компании коишто имаат потенцијал за раст, размислуваат за отворање на нов инвестициски циклус, имаат стратегија за генерациски континуитет и сакаат да добијат објективна и стручна проценка за својата подготвеност за иден успешен пристап на пазарот на капитал.

Стратешката соработка помеѓу Берзата и ЕБОР е фокусирана кон поттикнување и подготовка на успешни македонски компании да размислуваат и реализираат:

  • иницијална јавна понуда (IPO); и/или 
  • издавање корпоративни обврзници, 

Имплементацијата на Проектот е доверена на заеднички избраните консултанти – реномирани експерти од PwC Северна Македонија и PwC Хрватска.


Цели на проектот

Проектот има за цел да придонесе кон подобрување на долгорочната конкурентност на избраните компании преку:

  • зајакнување на капацитетите на компаниите за подготовка и реализација на активностите поврзани со излегување на домашниот пазар на капитал;
  • подобрување на интерните процеси и корпоративното управување;
  • развој и диверзификација на стратегиите за финансирање и развој;
  • подобрување на транспарентноста, известувањето и усогласеноста со пазарните и нормативните стандарди.
  • професионална комуникација со финансиските посредници и потенцијалните инвеститори

Проектот претставува прв чекор кон подетално разбирање на можностите што ги нуди пазарот на капитал.


Што опфаќа проектот?

   1. Лидерска академија

Избраните компании на почетокот ќе имаат можност да бидат дел од специјална дводневна лидерска академија, наменета екслузивно за сопствениците и топ менаџментот на компаниите, којашто ќе ги опфати следните теми:

  • Навигација низ пазарот на капитал, со посебен акцент на расположливите финансиски инструменти од позиција на потенцијален издавач; 
  • Процесот на издавање на хартии од вредност; 
  • Очекувања на инвеститорите; 
  • Вреднување на компанијата; 
  • Таргетирање инвеститори и презентирање на компаниската приказна; 
  • Регулаторна усогласеност и стандарди за известување; 
  • Односи со инвеститори.

   2. Индивидуална проценка на подготвеност на компанијата за излегување на пазарот на капитал (Issuer Readiness Assessment)

Со секоја избрана компанија ќе се реализира индивидуален процес на анализа и проценка, кој ќе опфати:

  • Анализа на финансиската состојба и оперативните капацитети; 
  • Проценка на корпоративното управување и организациската структура; 
  • Анализа на транспарентноста, известувањето и усогласеноста со пазарните барања; 
  • Проценка на инвестициската приказна и пазарното позиционирање; 
  • Идентификација на клучни фактори што влијаат врз евентуалено ИПО или издавање на должнички финансиски инструменти; 
  • Препораки за подобрување на довербата кај инвеститорите и пазарната подготвеност. 

По спроведената индивидуална проценка, ангажираниот тим на консултанти од PwC за секоја компанија во проектот ќе подготви детална анализа за моменталните состојби низ призма на евентуално идно издавање на акции или обврзници, вклучително и конкретни препораки и насоки за следните чекори доколку компанијата реши да излезе на пазарот на капитал.


Кој може да аплицира?

На овој јавен повик можат да се пријават компании без разлика на организационата форма кои:

  • Имаат амбициозни развојни планови; 
  • Сакаат да отпочнат нов инвестициски циклус; 
  • Сакаат поконкретно да ја испланираат генерациска сукцесија преку акционерство;
  • Не ја исклучуваат можноста за финансирање преку пазарот на капитал; 
  • Сакаат подобро да ја разберат својата моментална подготвеност за IPO на акции или обврзници; 
  • Имаат интерес за унапредување на корпоративното управување; 
  • Сакаат да добијат независен професионален увид пред носење на стратешки финансиски одлуки. 

Во процесот на селекција ќе се применуваат критериуми за подобност на ЕБОР и соодветните донаторските програми, коишто вклучуваат, но не се лимитирани само на:

  1. Реализирани приходи: до ЕУР 50 милиони евра
  2. Број на вработени: до 500
  3. Актива: до 43 милиони евра
  4. Сопственост: мнозински приватна сопственост и претежно во сопственост на домашни државјани (крајни сопственици)
  5. Забранети сектори: политиките на ЕБОР ги исклучуваат следните активности: сектор поврзан со одбрана, тутунска индустрија, супстанции забранети со меѓународно право, самостојни објекти за коцкање.
  6. Интегритет: компанијата и менаџментот треба да бидат кредибилни и со добар углед, без претходни или тековни правни постапки кои би можеле да влијаат врз имплементацијата на проектот или да претставуваат репутациски ризик за ЕБОР или донаторот.
  7. Посветеност на менаџментот: менаџментот и сопствениците треба да има реална проценка за предизвиците, можностите и капацитетите на компанијата, да биде отворен за совети, посветен на развојот на бизнисот, да го поддржува проектот и да биде транспарентен, вклучително и споделување финансиски податоци и информации за инвестиции со ЕБОР.

Што добиваат компаниите?

Со учеството во проектот, избраните компании ќе добијат:

  • Подобро разбирање на опциите за пазарно финансирање; 
  • Објективна проценка на нивната моментална подготвеност за излегување на пазарот на капитал, вклучително и рамковна проценка на потенцијалната пазарна вредност на нивниот бизнис; 
  • Идентификација на клучните области што треба да се подобрат во иднина; 
  • Насоки за следни чекори за успешно прибирање на средства на пазарот на капитал; 
  • Директна комуникација со реномирани финансиски експерти.

Финансиско учество на компаниите

Трошоците за проектот во висина од 60-70% ќе се подмират од страна на ЕБОР .

Се очекува компаниите коишто ќе бидат избрани за учество во Проектот да учествуваат со сопствено кофинансирање во висина од 30%–40% од вкупниот нето трошок на проектот. Точниот процент на кофинансирање ќе зависи од големината на компанијата. Вкупниот трошок на кофинансирање нема да надмине 4.000 евра по компанија.

Овој модел на поделба на трошоци има за цел да обезбеди целосна посветеност од страна на избраните компании, при што истовремено се добива пристап до висококвалитетна првокласна советодавна поддршка по многу поволни услови.


Начин на пријавување

Заинтересираните компании треба да достават:

  • Тековна состојба за компанијата и поврзани страни (доколку ги има); 
  • Последна завршна сметка;
  • Апликација за учество во проектот;
    • Краток профил на компанијата;
    • Основни финансиски информации;
    • Краток опис на развојните планови;
    • Образложение за интересот за учество во проектот. 

Апликациите се доставуваат до Македонска берза на следнава е-маил адреса: mse@mse.org.mk

Апликацијата за учество во Проектот е достапна на следниот линк

Краен рок за пријавување: 01.09.2026 година


Почеток на проектот

По завршувањето на процесот на селекција на пријавените компании, избраните учесници ќе бидат навремено известени за следните чекори, динамиката на активностите и обврските во рамки на проектот.


Дополнителни информации

Учеството во проектот е доброволно и од едукативен карактер.

Учеството во Проектот не претставува гаранција за идно пазарно финансирање, реализација на IPO или друга финансиска трансакција, односно истото претставува поддршка на избраните компании за подготовка и подобро разбирање на процесот на финансирање преку македонскиот пазар на капитал.

Само избраните компании ќе бидат контактирани за учество во Проектот.


Втора фаза и нов проект за поддршка за реализација на ИПО

За компаниите кои ќе учествуваат во Проектот и по завршување на истиот ќе донесат конкретна одлука за издавање на акции или обврзници на Берзата, ќе следува можност за учество во нов проект, под слични услови, за добивање на дополнителен грант и кофинансирана техничка подршка за организирање и спроведување на IPO. Новиот проект ќе биде условен со донесување на нова одлука за финансирање на истиот од страна на ЕБОР. 

 

Поддржано од: