Тргување

ОПШТО ЗА ТРГУВАЊЕТО

На берзата се тргува со инструменти  кои согласно Законот за хартии од вредност се дефинирани како хартии од вредност, кои се котирани односно регистрирани на некој од пазарите на Берзата во согласност со законските одредби и актите на Берзата и за чие тргување Берзата обезбедува соодветна системска и организациона поддршка. Берзата може во договор со поодделни субјекти, да организира и тргување со друг берзански материјал, со претходна согласност од Комисијата за хартии од вредност.

На Берзата не се тргува со хартии од вредност во случаи кога:

  • не доаѓа до законска промена на сопственоста на хартиите од вредност;
  • преносот на сопственоста на хартиите од вредност е резултат на нова емисија на хартии од вредност која е во тек.

Тргувањето со хартии од вредност на Берзата е комплетно автоматизирано, односно истото се одвива преку Берзанскиот Електронски Систем за Тргување наречен БЕСТ. Тргувањето се одвива „далечински“ т.е. сите брокери се електронски поврзани од своите деловни простории со централниот компјутерски сервер лоциран на Берзата. БЕСТ системот е отворен за членките на берзата  за работа со налозите за тргување  секој ден на тргување (понеделник, вторник , среда, четврток и петок) во времетраењето на фазите на тргување. БЕСТ системот се базира на системот на налози, согласно моделот на континуирано наддавање и употреба на методот на компјутерско усогласување на цените на хартиите од вредност.

Цените по кои се тргува на Берзата се објавуваат за 1 (еден) лот и можат да се изразуваат:

  • за акции: во денари, без децимални места;
  • за обврзници: како процент од номиналната вредност или како процент од сеуште неисплатената главнина (ануитетски обврзници), без акумулираната камата. Процентот се изразува со две децимални места.

При тргувањето со обврзници, освен цената изразена како процент од номиналната вредност или како процент од сеуште неисплатената главнина на обврзниците, купувачот на обврзниците е должен на продавачот на обврзниците да му ја плати акумулираната, но сеуште ненаплатената камата. Пресметката на акумулираната камата ја врши овластен депозитар.

 Официјална дневна просечна цена на определена хартија од вредност е пондерирана аритметичка средина на сите цени од сите трансакции со таа хартија од вредност во еден ден на тргување. Како пондер се зема количината на хартии од вредност кај секоја трансакција. Официјалната дневна просечна цена се формира на крајот на денот на тргување. Официјалната дневна просечна цена за определена хартија од вредност се објавува во официјалната дневна листа на Берзата.

ВРЕМЕ НА ТРГУВАЊЕ

понеделник - петок

09:00  -  13:00

ТРАНСАКЦИИ ВО БЕСТ СИСТЕМОТ

БЕСТ системот овозможува хартиите од вредност да се тргуваат во режим на континуирано тргување или во режим на аукциско тргување.( во зависност од ликвидноста на хв)

РЕЖИМ НА КОНТИНУИРАНО ТРГУВАЊЕ

  • Фаза пред тргување и
  • Главна трговска фаза.

РЕЖИМ НА АУКЦИСКО ТРГУВАЊЕ

Тргување во аукција, при што сите трансакции се склучуваат во  ист момент и по иста цена. Друштвата во овој режим се поделени во 3 групи во зависност од времето на склучување на  трансакциите.

 БЛОК ТРАНСАКЦИИ

Администраторска блок трансакција, со внесување на трансакцијата од страна на Берзата, вон редовното тргување на БЕСТ системот, со претходно пријавување на трансакцијата од страна на членки на Берзата; или

Системска блок трансакција, со внесување на блок налози во рамките на редовното тргување со хартии од вредност во БЕСТ системот од страна на членки на Берзата.

ЈАВНИ БЕРЗАНСКИ АУКЦИИ

  • Модел “се' или ништо” при што акциите се продаваат исклучиво во пакет преку една трансакција; и
  • Модел “на парче” при што акциите се продаваат поединечно во количини помали од вкупно понудената количина акции, преку повеќе трансакции.

ЈАВНИ ПОНУДИ НА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ

Македонска берза, на посебен пазарен сегмент, нуди можност за реализации на јавни понуди на емисии на хартии од вредност преку берза.

ЈАВНА БЕРЗАНСКА АУКЦИЈА НА АКЦИИ ПРИ ПРОДАЖБА НА ГОЛЕМИ ПАКЕТИ НА АКЦИИ

Посебен берзански сегмент во рамките на БЕСТ системот, наменет за продажба на поголеми пакети на веќе издадени акции, наречен Сегмент за пакети на акции :

  • Модел “се’ или ништо”; и
  • Модел “продажба на парче”.

УТВРДУВАЊЕ И ПОРАМНУВАЊЕ

Утврдување е повеќефазен процес којшто се состои од идентификација на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност коишто склучиле трговска трансакција на секундарниот пазар, идентификација на хартијата од вредност со која е тргувано, количината на хартии од вредност со која се тргувало и цената по која е склучена трансакцијата.

Утврдувањето и известувањето за трансакции склучени со хартии од вредност на берзата го врши Берзата.

Порамнување е процес на исполнување на обврските на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност коишто произлегуваат од склучената трговска трансакција на секундарниот пазар, односно извршување на плаќањето од страна на купувачот и пренос на сопственоста на хартиите од вредност од страна на продавачот. Обврските што се однесуваат на пренос на хартиите од вредност од склучените берзански трансакции со хартии од вредност се извршуваат по пат на истовремено плаќање на реализираната цена за тие хартии од вредност на Берзата (принцип "испорака наспроти плаќање").

Порамнувањето на склучените трансакции со хартии од вредност на Берзата, согласно закон, го врши овластен депозитар. Податоците за склучените берзански трансакции Берзата ги доставува до овластениот депозитар во електронска форма на денот кога истите се склучени.

Порамнувањето на трансакциите со хартии од вредност на сите пазари на Берзата се врши на вториот работен ден (Т+2) од денот на склучувањето на трансакцијата. Доколку и од двете членки учеснички во трансакцијата постои согласност, порамнувањето на трансакциите со хартии од вредност може да се врши и во пократок период од вториот работен ден од денот на склучувањето на трансакцијата, односно во „специјален ден на порамнување“ (Т+1).

Повеќе за тргувањето на Македонска берза може да прочитате во Правилата за тргување на Берзата.