Македонската берза заѕвони за децата во знак на поддршка на повикот на УНИЦЕФ за поголеми инвестиции во силен почеток за секое дете
петок, 20 ноември 2026

Скопје, 20 ноември 2026: Денес, на Светскиот ден на детето, УНИЦЕФ и Македонската берза ги обединија претставниците на Владата, граѓанските организации, деловниот и финансискиот сектор на настанот „Ѕвониме за децата“, приклучувајќи се на глобалната иницијатива чија цел е да ја истакне улогата на деловните и инвестициските одлуки во унапредувањето на правата на децата.

Како дел од кампањата за одбележување на 80-годишнината на УНИЦЕФ „Да избереме подобра иднина за децата – силен почеток за секое дете“, настанот упати повик до сите релевантни чинители да дадат приоритет на проширувањето на пристапот до квалитетни и инклузивни услуги за ран детски развој, образование и грижа.

Овој повик доаѓа во време кога помалку од половина од децата на возраст до шест години во Северна Македонија се опфатени со предучилишно образование, а децата од семејствата и заедниците во неповолна положба се меѓу оние што најчесто остануваат надвор од системот. За да се постигне националната цел од 65 проценти опфат до 2032 година, потребни се континуирани јавни инвестиции за обезбедување дополнителни 19.000 места во градинките, иновативни модели на финансирање и посилни партнерства. Притоа, квалитетот, финансиската достапност и инклузивноста мора да останат во центарот на напорите за проширување на опфатот.

„Северна Македонија не може да ги промени демографските трендови преку ноќ, но одлуките што ги носи денес можат да го обликуваат нејзиниот развој и идниот просперитет. Во услови кога бројот на деца се намалува, потенцијалот на секое дете е поважен од кога било. Инвестициите во најраните години од животот и обезбедувањето силен почеток за секое дете имаат повеќекратни придобивки: подобри резултати за децата, поголеми можности за жените и семејствата, намалување на нееднаквостите, посилни компании и развој на човечкиот капитал што ? е потребен на државата за поотпорна иднина“, изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

Северна Македонија им се придружува на уште 25 земји што учествуваат во новата глобална иницијатива „Ѕвониме за децата“, предводена од УНИЦЕФ и Иницијативата на Обединетите нации за одржливи берзи. Иницијативата ги поттикнува компаниите и инвеститорите да го земат предвид влијанието на своите деловни и инвестициски одлуки врз правата, благосостојбата и можностите на децата.

„Берзите како централни институции на пазарите на капитал имаат единствена можност да ги поврзат компаниите и инвеститорите и да придонесат за обликување на стандардите и очекувањата на сите пазарни стејкхолдери. Како што историски пазарите на капитал ги промовирале добрите практики во сферата на корпоративното управување, климатските промени и другите прашања поврзани со одржливоста, така можат во иднина да придонесат правата на децата да добијат поважно место во деловните и инвестициските одлуки. На тој начин придонесуваме за посилни заедници, одржлив економски развој и создавање долгорочна вредност“, изјави Иван Штериев, главен извршен директор на Македонската берза.

На настанот присуствуваа и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, кои ја истакнаа важноста на пристапот до квалитетно и инклузивно предучилишно образование, кое претставува многу повеќе од услуга за семејствата.

„За Министерството за социјална политика, демографија и млади, унапредувањето на достапноста и квалитетот на предучилишното згрижување и воспитание претставува еден од важните приоритети. Во соработка со општините и нашите партнери, продолжуваме да ја прошируваме мрежата на  детски градинки и да создаваме услови за поголем опфат на децата во предучилишно згрижување  и воспитание, затоа што секое дете заслужува еднаква можност за квалитетен почеток во животот.“ изјави Ѓоко Велковски, министер за социјална политика, демографија и млади.

Притоа, посочи дека подеднакво важно,  секое дете да добие квалитетна поддршка, соодветна грижа и поттикнувачка средина за учење и развој. Во таа насока се осврна на новата Програма за рано учење и  развој, која е заеднички проект со УНИЦЕФ и Биро за развој на образование, и која треба да придонесе за унапредување на квалитетот на воспитно-образовниот процес и создавање подобри можности за развој на секое дете.

„Кога станува збор за децата, ниедна институција, ниту било кој друг чинител, не може сам да направи добробит за нив. Образованието не може без семејството, а на семејството му е потребна поддршка од пошироката заедница. Грижата за децата што ја има едно општество, покажува колку тоа општество е зрело како целина, колку е дораснато да мисли долгорочно за подобра иднина на сите. Затоа ја поддржувам иницијативата „Ѕвониме за децата“, која испраќа важна порака дека правата и потребите на децата треба да бидат дел од секоја општествена одлука, вклучително и на деловните и инвестициските одлуки“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

На настанот беше истакната и улогата на компаниите преку политики на работното место што ги поддржуваат семејствата, одговорни деловни практики и инвестициски одлуки што ги земаат предвид правата на децата. Петар Петровиќ, директор за човечки ресурси во „Алкалоид“, го сподели искуството на компанијата за тоа како политиките што ги поддржуваат семејствата и посветеноста на децата и семејствата можат да придонесат за благосостојбата, мотивацијата и задржувањето на вработените.

Во 10:00 часот, пред почетокот на тргувањето на Македонската берза, децата, заедно со претставниците на УНИЦЕФ, Македонската берза и националните партнери, симболично заѕвонија на берзанското ѕвоно, испраќајќи заедничка порака дека децата и нивните права треба да бидат во центарот на одлуките што ја обликуваат иднината на земјата.

Во рамките на настанот, кој се одржа во трговскиот центар „Дајмонд мол“ во Скопје, беше поставена инсталација на УНИЦЕФ што претставува занимална во детска градинка, како симбол на потребата од заедничко дејствување за да се обезбеди место во градинка за секое дете.

Посетете ја веб-страницата на кампањата „Да избереме подобра иднина за децата – силен почеток за секое дете“ и дознајте какви одлуки можат да донесат институциите, компаниите, заедниците и семејствата. Придружете ни се во создавањето подобра иднина за децата во Северна Македонија.