ГОДИШНИ НАГРАДИ НА МАКЕДОНСКА БЕРЗА ЗА 2025 ГОДИНА
среда, 24 декември 2025

На 23.12.2025 година се одржа церемонија на доделување на Годишни награди на Македонска берза за 2025 година за котираните компании, членките на Берзата и други субјекти поврзани со македонскиот пазар на хартии од вредност. 

Петта година по ред, Македонска берза доделува годишни награди во повеќе категории, при што дел од наградените добитници се одредуваат врз основа на објективни квантитативни критериуми, како што се берзанскиот промет, фреквентноста на тргувањето, цените на акциите, бројот на трансакции, исплатата на дивиденди и сл. За овие награди, пресекот се прави вториот петок во декември.

За останатиот дел од наградите одлучуваа посебни комисии, составени од пазарни учесници, експерти и претставници на медиумите, а за наградата „Акција на годината“, покрај квантитативните податоци, се зема предвид и мислењето на пошироката инвестициска јавност преку спроведената анкета на Интернет порталот Фактор. Годинава продолжи и нашата соработка со Американската стопанска комора во Северна Македонија, со која заедно доделивме признанија за добри ESG практики.

Процедурите за доделување на годишните награди и соодветната методологија се усвоени од страна на Одборот на директори на Берзата и се јавно достапни на нејзината веб страна на следниов линк: https://mse.mk/mk/content/28/11/2024/annual-awards

Настанот со обраќање пред присутните го отвори Главниот извршен директор на Македонска берза, г-дин Иван Штериев.

Годинава на настанот беа доделени 10 награди во различни категории, како и 5 признанија.

Добитници на Годишните награди на Македонска берза за 2025 година се:

1. Категорија „Акција со најголем промет“

Акција со најголем промет во 2025 година е Комерцијална банка АД Скопје, a во име на банката наградата ја прими Маја Стевкова Штериева, Главен Финансов директор.
Со акциите на Комерцијална банка остварен е промет од 1,7 милијарди денари и со истите се тргувало секој ден од годината во анализираниот период. 

2. Категорија „Акција со најголем пораст на цената“

Акција со најголем пораст на цената во 2025 година е Макпетрол АД Скопје, а  Александар Спасовски, Претседател на Надзорниот одбор на Макпетрол, ја прими наградата. 

Порастот на цената на акциите на Макпетрол АД Скопје во анализираниот период беше 23,94%.

3. Категорија „Акција со најголем пораст на прометот“

Акција со најголем пораст на прометот во 2025 година е Стопанска банка АД Скопје, а Хрисула Кутуди, Генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД Скопје ја прими наградата во име на Банката. 
Со акциите на Стопанска банка АД Скопје, остварен е промет од 314,6 милиони денари, што претставува пораст на прометот од 43,83% во однос на минатата година.

4. Категоријата „Членка на годината“

Оваа година, во рамките на оваа категорија се доделија три награди – бронзена, сребрена и златна членка на Македонска берза.

Добитниците беа утврдени со рангирање врз основа на три критериуми согласно утврдената методологија, и тоа 1) прометот од редовно тргување во БЕСТ системот, 2) прометот остварен од блок трансакции, како и 3) бројот на трансакции реализирани на берзата во овие две категории. При утврдување на ранг листата се земаат предвид и евентуално изречените мерки од страна на Берзата или Комисијата за хартии од вредност спрема членката во тековната година.

  • Златна членка на Македонска берза за 2025 година е Комерцијална банка АД Скопје.

Вредноста на прометот реализиран преку Комерцијална банка АД Скопје, во БЕСТ системот изнесува околу 2,3 милијарди денари, а вредноста реализирана преку блокови изнесува околу 1,2 милијарди денари. Овој промет е остварен преку вкупно 8.767 трансакции. Михајло Брова Зиков, Директор на дирекција за тргување со хартии од вредност ја прими наградата во име на членката.

  • Сребрена членка на Македонска берза за 2025 година е Илирика Инвестментс АД Скопје.

Преку Илирика Инвестментс АД Скопје реализиран е вкупен промет од тргување во БЕСТ од околу 2,2 милијарди денари, додека преку преку блокови реализирани се 1,6 милијарди денари. Овој промет е остварен преку вкупно 8.343 трансакции. Васко Митев, Извршен директор на Илирика, ја прими наградата во име на членката.

  • Бронзена членка на Македонска берза за 2025 година е Еурохаус АД Скопје.

Вредноста на прометот во БЕСТ системот, реализиран преку Еурохаус АД Скопје изнесува околу 1,7 милијарди денари, а вредноста реализирана преку блокови изнесува околу 2,5 милијарди денари. Овој промет е остварен преку вкупно 5.645 трансакции. Стефан Степаноски, Извршен директор на членката ја прими наградата.

5. Категорија „Најтранспарентно котирано акцинерско друштво за 2025 година“ - по избор на пазарни учесници – добитник е Комеријална банка АД Скопје

Во име на банката, наградата ја прими Андреј Јовковски, Директор на Самостојна дирекција за маркетинг.

Комисијата на пазарните учесници ја сочинуваа Лидија Трајковиќ и Филип Петрушевски како претставници на брокерите, Лазе Камчев и Сашо Дракуловски како претставници на инвестициските фондови и Марјан Николовски како претставник на пензиските фондови.

6. Категорија „Најтранспарентно котирано акцинерско друштво за 2025 година“ - по избор на медиуми – добитник е Реплек АД Скопје

Во име на Реплек АД Скопје, наградата ја прими Офелија Петковиќ, Директорка на секторот за финасии на компанијата.

Комисијата на новинарите ја сочинуваа Петре Димитров, главен и одговорен уредник на порталот emagazin.mk, Александра Томиќ, Главна уредничка на дигиталната реакција на Bloomberg Adria, Горан Теменугов, новинар, автор и водител на поткастот „Каде се парите?“, Наташа Мерсовска, новинар во телевизијата Сител и Александар Кузмановски, главен и одговорен уредник на порталот Фактор.

7. Во категоријата „Акција на годината“ – добитник е Комерцијална банка АД Скопје.

Оваа награда се доделува со комбинација и анализа на неколку објективни, квантитативни показатели и мислењето на инвеститорската јавност, искажано преку онлајн анкета на порталот Фактор, наш партнер во доделувањето на оваа награда.
Квантитативните критериуми за избор на акција на годината се: 1) Прометот од редовното тргување во БЕСТ системот, 2) Бројот на трансакции од редовно тргување во БЕСТ, 3) Фреквентноста на тргувањето, 4) Порастот на цената на акцијата во анализираниот период, 5) Исплатата на дивиденда и 6) Пазарниот подсегмент. Во предвид се земаат и евентуално изречените мерки од страна на Берзата спрема издавачот.

Гласањето на онлајн анкетата објавена на порталот Фактор се вршеше во периодот од 30 ноември до 12 декември и околу 4.000 лица учествуваа во истата.

Маја Стевкова Штериева, Главен Финансов директор, ја прими наградата во име на банката.

8. Категорија „Годишна награда за придонес во областа на едукацијата и развојот на пазарот на хартии од вредност“ - добитник е Bloomberg Adria.

Александра Томиќ, Главна уредничка на дигиталната реакција на Bloomberg Adria, ја прими наградата во име на медиумот.

За доделување на оваа награда беше формирана Комисија во следниов состав: Тони Стојаноски, претставник од Одбор на директори на Македонска берза, Иван Штериев, претставник на Берзата, Андриана Матлиоска, претставник на регулаторните институции, Горан Марковски, претставник од пазарните учесници, Јелисавета Георгиева-Јовевска, претставник на корпоративниот сектор, Сашо Арсов, претставник од високообразовна институција и Драган Давитков, претставник од редот на експерти во областа на финансии.

Комисијата имаше предвид дека во 2025 година, активностите на македонската редакција на Bloomberg Adria имаа голем и видлив импакт во доменот на едукација и развој на пазарот на капитал. Оваа медиумска куќа континуирано и сеопфатно ги следи и анализира состојбите на пазарот на капитал и тоа како од аспект на работењето на котираните компании, динамиката и трендовите во тргувањето на берзата, така и низ призма на подготвување на исцрпни анализи на различни актуелни локални и меѓународни теми, што директно или индиректно се поврзани со пазарот. Воедно, годинава Bloomberg Adria беше иницијатор и на настани поврзани со едукација на младата популација во врска со оваа проблематика.

9. И оваа година, Македонската берза, во соработка со Американската стопанска комора во Северна Македонија, доделува признанија за добри ESG практики на селектирани домашни компании, со цел да се поттикне примената на ESG принципите како основа за одржливо и предвидливо деловно работење и зголемување на конкурентноста.

Компаниите добитници се идентификувани врз основа на резултатите од истражување спроведено за AmCham од независната истражувачка агенција INSIDER ID, користејќи методологија заснована на ESG Readiness Compound Index (ERCI). Методологијата ја оценува подготвеноста и степенот на интеграција на ESG практиките во оперативното работење и стратегиското планирање, врз основа на информации доставени од самите компании. Истражувањето беше дел од поширок проект за унапредување на ESG капацитетите во приватниот сектор во соработка со Европската банка за обнова и развој и финансиска поддршка од ЕУ.

Признанијата се доделија на вкупно пет друштва, од кои три котирани и две некотирани. Признанија за добри ESG практики во 2025 година добија:

  • А1 Македонија ДООЕЛ 
  • Алкалоид АД Скопје 
  • АТЛАНТИЦ ГРАНД СКОПЈЕ ДОО
  • НЛБ Банка АД Скопје 
  • ТИТАН УСЈЕ АД Скопје 

   

   

   

   

   

   

   

Годишните награди на Берзата ги доделија Тони Стојановски, Претседател на Одборот на директори на Берзата, Нина Неданоска, член на Одборот на директори на Македонска берза, Горан Анастасовски, член на Одборот на директори на Македонска берза, Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза, Марјан Николовски, член на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво (претставник на Комисијата на пазарни учесници), Наташа Мерсовска, новинар (претставник на Комисијата на медиуми), Крсте Шајноски од порталот Фактор и Бобан Брагоски од Американската стопанска комора во Македонија.

Честитки до сите добитници на годишните награди и доделените признанија. Се надеваме дека наградите ќе послужат како мотив не само за наградените туку и за сите други во новата берзанска 2026 година да бидат уште подобри и поуспешни.