Десет компании ја започнаа подготовката за пазарно финансирање преку Лидерска академија
петок, 13 ноември 2026

На 9 и 10 ноември 2026 година се одржа дводневна „Лидерска академија“, со што започна конкретна реализација на активностите во рамки на „Проектот за поттикнување и подготовка на домашните компании за пазарно финансирање“. Проектот го спроведува Македонска берза, во соработка со Европската банка за обнова и развој и финансиска поддршка од Европската Унија, а имплементацијата е доверена на консултантски тим од PwC Северна Македонија и PwC Хрватска.

На јавниот повик за учество во Проектот се пријавија 24 компании, а по спроведената селекција, со проектот се опфатени 10 компании. Проектот има за цел да им помогне на македонските компании подобро да ги согледаат можностите за финансирање преку пазарот на капитал и да ја унапредат својата подготвеност за користење на овие извори за поддршка на нивниот раст и развој.

Лидерската академија беше посветена на клучните аспекти на подготовката на компаниите за пристап до пазарот на капитал, вклучително корпоративното управување, финансиското известување, вреднувањето на компаниите, регулаторните барања и односите со инвеститорите. Преку презентации и дискусии со експертите од PwC, сопствениците и менаџерите на овие компании имаа можност детално да се запознаат со различните модели на пазарно финансирање и чекорите потребни за нивна примена.

Во следната фаза од Проектот ќе се реализираат билатерални состаноци со консултантите и проценка на подготвеноста на секоја од избраните компании. Врз основа на оваа анализа ќе бидат дадени конкретни препораки за понатамошен развој и подготовка за пазарно финансирање на секоја компанија.