Известување од Топлификација АД Скопје
среда, 07 јули 2004
Согласно информациите добиени од акционери на Топлификација АД Скопје за точноста на Одлуката за распределба на нето добивката по Годишната сметка за 2003 година на Топлификација АД Скопје, Македонската Берза на 02.07.2004 година се обрати до друштвото за утврдување на вистинитоста на информациите.
Истиот ден од Топлификација АД Скопје беше доставено известување, заедно со нова Одлука за распределба на нето добивката по Годишната сметка за 2003 година и Записник од 10-та сеница на Собранието на Топлификација АД Скопје.
Во известувањето од Топлификација АД Скопје наведено е дека од технички причини и пропуст на стручните служби, по инерција од минатите години при куцање на предметната Одлука е испуштено образложението за начинот на исплата на дивидендата за 2003 година, согласно гласањето на акционерите, за потврда на кое во прилог е доставен и записникот од одржаното Собрание на акционери.
Измената на Одлуката за распределба на нето добивката за 2003 година, во однос на претходно доставената и објавена од страна на Берзата, се состои во тоа што во новата одлука е наведено дека дивидендата за 2003 година ќе се исплаќа 50% во готово, а 50% ќе се исплаќа на тој начин што ќе се употребат за купување на акции од Топлификација АД, а кои се расположиви на официјалниот пазар на Македонската Берза. Купувањето на акциите да се изврши во блок трансакција во име и за сметка на акционерите кои стекнале право на дивиденда по оваа одлука, преку овластено лице од нивна страна.
Во известувањето Топлификација АД Скопје и се извинува на јавноста и акционерите за направениот пропуст.